Македонија бележи значителен напредок во развојот на електронското управување, откако на најновото рангирање на Обединетите нации за 2026 година се искачи на 68. место во светот. Тоа е скок од 16 позиции во споредба со 2024 година, кога земјата беше рангирана на 84. место, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На прес-конференција, Андоновски истакна дека ова е најдобриот пласман на Македонија од 2010 година и втор најдобар резултат во серијата мерења на Обединетите нации, која се спроведува од 2003 година.
Вредноста на индексот на земјата пораснала од околу 70 на 78 индексни поени, што, според министерот, претставува најголем раст во регионот во периодот од 2024 до 2026 година.
Со постигнатиот резултат, Македонија влегува во групата држави со многу високо ниво на развој на е-управувањето. Андоновски посочи дека во ова мерење таков напредок оствариле 11 земји во светот, меѓу кои пет европски држави.
Министерот нагласи дека подобрување е забележано кај сите клучни компоненти на индексот. Најголем раст има кај човечкиот капитал, каде оценката се зголемила од 0,7 на 0,79. Подобри резултати се забележани кај писменоста за електронско управување, иако дигиталните вештини на граѓаните остануваат предизвик.
Напредок има и кај електронското учество на граѓаните, кое од 57 проценти во 2024 година се зголемило на 65 проценти во 2026 година.
Одговарајќи на новинарски прашања, Андоновски информираше дека на националниот портал uslugi.gov.mk во моментов се достапни 350 услуги, од кои дел се целосно електронски, а дел се информативни.
Во наредниот период се очекува да бидат воведени десетина услуги од Министерството за внатрешни работи и околу 30 од Фондот за здравствено осигурување. Министерот очекува значителен дел од нив да бидат дигитализирани до крајот на годината.
За следната година е најавено отворање онлајн-форма на порталот uslugi.gov.mk, преку која граѓаните ќе можат да предлагаат кои услуги сакаат да ги користат во електронска форма.
Во делот на унапредувањето на дигиталните вештини, продолжува проектот во основните училишта. За повозрасните граѓани, пак, се планира теренска кампања и средби во пензионерските клубови низ државата, во соработка со Министерството за социјална политика. Активностите ќе опфатат користење дигитални и банкарски услуги, како и социјални мрежи.
За следното мерење на Обединетите нации во 2028 година, Андоновски очекува Македонија да напредува за дополнителни 20 до 30 места. За тоа, како што посочи, ќе биде потребно подобрување на дигиталната поврзаност, телекомуникациската инфраструктура, дигиталните вештини на граѓаните и користењето на новите електронски услуги.