ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Владата на чело со премиерот Зоран Заев. Недобивањето датум е лоша и непосакувана вест. Ваквата одлука е пораз, но не за народот и граѓаните, туку за политиките на Зоран Заев и неговата власт, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој повика на средба на државниот врв на која ќе се дискутира за актуелната состојба, но запрашан дали ќе оди в недела кај претседателот Стево Пендаровски кој ги повика лидерите на партиите на заедничка средба, одговори дека ќе присуствува доколку добие официјална покана. Рече дека од оваа средба треба да произлезе јасен план без калкулирање и политиканство, но побара оставка од премиерот Заев. Како ќе се однесува ВМРО-ДПМНЕ – истакна дека нема да има радикални мерки.
„Требаше да си поднесе оставка многу порано. Господинот Заев ќе влезе во историјата на независна македонска држава како еден од најнеуспешните премиери кои што нанесол големо зло не само за процесите, не само за генерациите кои што денеска се современици туку и за оние генерации кои што доаѓаат. Ќе ги искористиме сите демократски алатки кои ни стојат на располагање ако мислите дека ќе преземаме некакви радикални чекори, еве нема да преземаме радикални чекори бидејќи не сакаме да ја продолжиме агонијата на граѓаните“, рече Мицкоски.
Оставка од Заев побараа и од опозициските партии на Албанците, а истовремено и најавија присуство на средбата кај шефот на државата. Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села како изрази длабока разочараност и рече дека премиерот и Владата треба да понесат одговорност за неуспехот на земјава да добие датум за преговори.
Лидерот на Беса Биљал Касами рече дека Владата не исполнила доволно за да почнеме преговори а на состанокот кај шефот на државата најави дека ќе бара предвремени избори.
Со пораки преку своите твитер профили се огласија и шефот на дипломатијата Никола Димитров како и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Димитров со прашање до Европската унија дали нема повеќе консензус за европската иднина на Западен Балкан. Ако повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан, ако не важи ветувањето од Самитот во Солун во 2003 година, граѓаните заслужуваат да знаат, напиша Димитров. И вицепремиерот Османи со порака до Унијата – Јас немам дилеми дека европскиот кредибилитет не само во земјава туку и во целиот регион од денес е нарушен. Но тоа не смее да не оддалечи од европските вредности. Ние сме дел од Европа, и денешната неправда не смее да не оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементација на реформите, порача Османи.