Окружниот суд во Перник пресуди дека Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија (АПИ) носи 10% одговорност за несреќата на автобусот на „Беса транс“ во која загинаа 45 македонски државјани. Судот утврди дека делницата на автопатот Струма, на која се случила несреќата, не била соодветно проектирана и дека патната инфраструктура не била во целосна согласност со потребите за безбедност. Иако возачот го управувал автобусот со брзина од 106 км/ч, што било над дозволеното ограничување, проблемите со патната инфраструктура исто така придонеле за трагедијата.
Несреќата се случила рано наутро на 23 ноември 2021 година, кога автобусот на „Беса транс“ удрил во заштитната ограда, се запалил и изгорел. Од 52 патници, 45 загинале, а седум се повредени. Роднините на жртвите поднеле тужба за обештетување, обвинувајќи за несоодветната патна инфраструктура.
Истрагата за несреќата ја водела Националната истражна служба на Бугарија, која го обвинила возачот за голема брзина. Сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, бил осуден на казна затвор за фалсификување документи, додека фирмата добила парична казна и забрана за работа.
Во судскиот процес во Бугарија вината за несреќата беше ставена на возачот, кој исто така загинал.