Алармантни бројки во Прилеп: За 10 месеци има речиси ист број жртви на семејно насилство како за цела 2024 година

Бројот на жртви на семејно насилство во Прилеп драстично се зголемува, покажуваат најновите статистики. За само десет месеци од почетокот на годинава, евидентирани се 86 жртви, што е речиси иста бројка како за целата 2024 година, кога до декември биле регистрирани 88 случаи. Најголем дел од жртвите се жени, но меѓу нив има и деца, објави МРТ.

И покрај порастот на бројките, психолозите се скептични дека тоа се должи на почесто пријавување. Според нив, жртвите сè уште повеќе бараат советување отколку што се одлучуваат да го напуштат насилниот дом, што укажува на потребата од силна меѓуинституционална поддршка.

Клучен фактор за жртвата храбро да го пријави насилникот, според експертите, останува нејзиното економско зајакнување и независност.

Од прилепскиот Центар за социјални работи ги охрабруваат сите жртви на семејно и родово базирано насилство да не се плашат и да пријавуваат, уверувајќи дека ќе ја добијат потребната помош и поддршка од институциите.

Елизабета Митреска | МРТ