Алиу призна: Кардиохирургија е блокирана, ќе носиме доктори од Словенија

Интерната комисија формирана од Министерството за здравство ги доби првите осум медицински досиеја за испитување на можни неправилности при кардиохируршки интервенции, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу. Тој истовремено призна дека Клиниката за кардиохирургија е „многу лимитирана“ со операции поради недостаток на стручен кадар и најави дека се иницира билатерален договор со Словенија за привремен ангажман на странски лекари.

На прес-конференција, Алиу појасни дека осумте случаи се доставени од една јавна здравствена установа, а не од поединци, и дека Комисијата ќе започне со нивна обработка уште од утре.

„Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди“, посочи министерот.

Паралелно со работата на Интерната комисија, Министерството за здравство побарало и вонреден стручен надзор за истите случаи од Лекарската комора. Во комисијата ќе бидат вклучени и тројца странски експерти, најверојатно од Словенија, Италија и Австрија.

„Процесот што започна е терапија на здравствениот систем за да се врати довербата во него. Никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост“, нагласи Алиу.

Нема операции и трансплантации на Кардиохирургија

Одговарајќи на новинарско прашање зошто не се извршуваат интервенции, вклучително и трансплантации, на Клиниката за кардиохирургија, министерот Алиу ја потврди сериозната состојба.

„Денеска имав состанок со директорот и колеги од Кардиохирургија. Недостасуваат стручни лица, не само во Кардиохирургија, туку во поголем дел клиники во Скопје“, изјави тој, додавајќи дека Клиниката е „многу лимитирана во моментов за операции“.

Како решение за овој голем проблем, тој најави иницирање на билатерален договор со Словенија, кој би овозможил словенечки доктори привремено да доаѓаат да работат во Македонија на периоди од три до шест месеци, а македонски лекари да одат таму за пренос на знаења. Овој проект, како што беше нагласено, е сè уште во рана фаза.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.