Во интерес на јавноста и медиумите, Апелациониот суд Скопје информира дека на седница одржана на 06.05.2025 година, по разгледување на кривичниот предмет KСЖ-406/25, ја уважил жалбата на осомничениот А.Ј. од Скопје.
Како резултат на разгледувањето, судот го преиначил решението на Основниот кривичен суд Скопје, со што ја укинал мерката притвор за А.Ј. и му одредил нови услови за ослободување. Конкретно, прифатена е гаранција во износ од 986.540 евра (или 60.672.235 денари), со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија, како и обврска да се обезбедат 72.000.000 денари готови пари, исто така во корист на државата.
Истовремено спрема осомничениот А.Ј. од С. се определени мерки на претпазливост:
– обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, и
– привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа
При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан.
Вака донесената одлука со образложени причини за истата, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.