Ауди признава: Никој не сака електричен RS6

Иако би го носел најзвучното име во гамата, никој не би го купил, проценија во Ауди кога се откажаа од проектот за електричен суперавтомобил-караван.

Електрификацијата дефинитивно не се одвива според очекувањата. Бројни производители се трудат да понудат што поатрактивни производи, но се чини дека купувачите тешко се откажуваат од старите навики и од проверено преминуваат на нешто ново. Производителите на автомобили ги преиспитуваат своите стратегии, па неколку од нив веќе ги откажаа планираните проекти за електрични возила. Најновата жртва може да биде Audi RS6 E-Tron.

Според инсајдери блиски до компанијата кои се доверија на британскиот магазин Top Gear, Audi го откажал проектот RS6 E-Tron поради недоволна побарувачка што би го оправдала неговиот развој. Со тоа, актуелниот S6 E-tron со 551 КС останува најмоќната опција. Ова е донекаде изненадувачки, бидејќи папараци фотографите уште во 2023 година имаа можност да го фатат автомобилот за кој се чинеше дека е камуфлиран прототип на RS6 E-Tron.

Портпаролот на Ауди одби директно да одговори на гласините, но порача: „Сепак, можеме да ве увериме дека работиме на модели со високи перформанси базирани на платформата Premium Platform Electric (PPE)“.

Платформата PPE е заедничка EV архитектура развиена од Audi и Porsche, на која се базираат модели како електричниот Macan и Audi Q6 E-Tron. Претходните извештаи сугерираа дека моделот со високи перформанси на Ауди на оваа платформа би можел да има повеќе од 700 коњски сили.

Но, купувачите од високиот ценовен сегмент го губат интересот за електрични возила со високи перформанси, што не е ни чудно, бидејќи речиси идентични перформанси нудат и двојно поевтини модели. Брендовите како Pagani и Koenigsegg веќе јасно соопштија дека нивните купувачи имаат мал или никаков интерес за електрични суперавтомобили. Ferrari наводно го одложил својот втор електричен автомобил поради „нулта“ побарувачка, а дури и првиот електричен автомобил на Lamborghini би можел да биде одложен.

Иако Audi можеби ги откажал плановите за електричен RS6, наводно во развој е нов модел со мотор со внатрешно согорување. Нема да има моќ на електричен погон, но би можел да има одредена електрична помош и два цилиндри помалку од актуелната генерација.