Авион на пат кон Њу Џерси ненадејно загуби висина, 15-20 лица пренесени во болница

Најмалку 15 до 20 лица се пренесени во болница со повреди кои не се опасни по живот, откако авион на компанијата „JetBlue“ доживеа ненадејно губење на височина и „проблем со контролата на летот“ додека летал од Мексико кон Њу Џерси.

Летот „JetBlue 1230“ полетал од меѓународниот аеродром во Канкун, Мексико, и се движел кон меѓународниот аеродром Њуарк Либерти во Њу Џерси, кога морал принудно да слета.

Авионот итно слетал во Тампа, Флорида, околу 14:19 часот по локално време (18:19 часот по Гринич).

Од „JetBlue“ потврдија дека авионот доживеал „пад на височината“ и дека „летот бил пречекан од медицински персонал кој ги прегледал патниците и членовите на екипажот, а оние на кои им била потребна дополнителна нега биле пренесени во локална болница“.

Иако авиокомпанијата не прецизираше точен број на повредени, локалните медиуми, цитирајќи ја противпожарната служба на Тампа, известија дека меѓу 15 и 20 лица се хоспитализирани со повреди кои не се опасни по живот.

Американската Федерална воздухопловна администрација (ФАА) потврди дека ќе го истражува инцидентот.