Поради 11 сообраќајни незгоди, во кои беа повредени дури 17 лица, а забележан е и еден смртен случај, сега системот „Автопилот“ кој се користи во електричните автомобили на гигантот „Тесла моторс“ е под истрага.
„Повеќето несреќи се случиле ноќе, а мерките за контрола на сообраќајот, како што се возила за итни случаи, факели, осветлени табли со стрелки и конуси на патот биле присутни на тие места. Возилата вклучени во несреќите имале автоматски пилот или контрола на сообраќајно крстосување при приближување кон овие локации“, се наведува во документите за истрага.
Имено, американската национална управа за безбедност во патниот сообраќај почна истрага, првично со нагласка на автопилотот на моделите „Y“, „X“, „S“ и „3“, на „Тесла“, произведени меѓу 2014 и 2021 година, што значи – околу 265.000 електрични возила.
Имено, несреќите се случиле меѓу јануари 2018 и јули оваа година, во сојузните држави Масачусетс, Мичиген и Аризона, а три несреќи се случиле и во Калифорнија.
Автопилотот иако го држи автомобилот во лента и ја одржува брзината, сепак тој не е целосно самоуправувачки систем, односно возачите се одговорни за другите фактори, како што се други возила и следење на однесувањето на други возачи.
„Истрагата дополнително ќе ги разгледа OEДР-факторите во режим на автопилот, како и OДД кога самоуправувачкиот пилот е функционален. Исто така, ќе се анализираат околностите за потврдени несреќи”, се вели во извештајот.
Во 2016 година, загина првото лице во несреќа поврзана со автопилот, а оттогаш имаше неколку истраги за случаи кога се веруваше дека Автопилот одиграл улога. Властите им наложија на производителите на автомобили да пријават несреќа поврзана со самоуправувачки и полу-самоуправувачки системи за возење во рок од 24 часа по настанот.