Барање на граѓаните на Кочани: Медиумите да не објавуваат снимки и фотографии, политиката да ги тргне рацете од трагедијата!

„Почитувани медиуми, портали, сите што известувате за оваа трагедија,

Размислувате ли пред да објавите? Ги гледате ли насловите што ги пишувате? Дали сте свесни дека овие имиња што ги објавувате не се само бројки.Тоа беа нечии деца. Нечии браќа, сестри, родители. Овој град е мал. Секој од нас загуби некого. Секој од нас познава барем две три жртви. И секој од нас ќе живее со оваа болка засекогаш.

Дали за вас е „добра содржина“ да објавувате видеа и слики од родители што стојат пред болница, со солзи, со раце што се тресат, со срца што им се кинат?

Дали сметате дека треба да се споделуваат моменти кога татко се урива на колена, викајќи од болка? Кога мајка, која девет месеци носела живот во себе, го доела, го чувала од секое зло сега стои скршена, без надеж, без сила, без своето дете.

Дали навистина ова ви изгледа како нормална објава? Дали е вредно за кликови и лајкови?

Родители изгубија единствени синови, единствени ќерки. Сите соништа што ги имале, сите години љубов, сите жртви што ги направиле избришани за една ноќ.

155 семејства сега не дишат, не спијат, не живеат само чекаат. Со телефонот во раце, со надеж, со молитви. Во секоја болничка соба има по едно дете што се бори за живот. По една мајка што го држи за рака и шепоти: „Сине, бори се, ќерко, бори се“.

А вие Објавувате снимки од нивните солзи. Ја продавате нивната болка за кликови. Ја споделувате нивната трагедија како сензација.

Го Почитуваме секој ваш збор на поддршка, но немојте да ни ја крадете тагата. Не ја претворајте во содржина за гледаност. Не смеете да ги делите моментите на очај, на распад, на изгубена надеж

Сите партии се соучесници во ова! Оваа дискотека постои веќе 15 години, во времето на сите власти. Политиката ги уби нашите деца. Корупцијата ја запали оваа ноќ.

Не ни требаат вашите политички пресови, ниту обвинувања меѓу вас. Не сакаме ни опозиција, ни власт да ја користат оваа трагедија за политички поени. Овојпат од вас бараме нешто друго сплотете се, обединете се, еднаш засекогаш!

Во сите страни има по некој добар човек. Соберете сила, најдете ги тие луѓе и исчистете ја оваа држава од темел!

Ништо повеќе нема да биде исто. Нема повеќе толеранција за корупцијата и за вашето збогатување на грбот на граѓаните! Секој што има вина, за најмал детал, мора да одговара без селективност, без компромиси!

Сега гледаме во Кочани ги обвинуваат најситните, најмалите. Обезбедувањето на дискотеката луѓе што таа ноќ спасиле над 100 животи се на тапет. Да, ако имаат вина, нека одговараат. Но, не застанувајте овде!

Оваа дискотека 15 години добивала дозволи. Кој стоеше зад тоа? Кој потпишуваше документи?

Правдата нема да ја најдете во казнување на најслабите. Овојпат, мора да паднат и тие што со години ја градат оваа корумпирана пирамида!“ – велат граѓаните на Кочани во објава на фејсбук.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното