Белгиски министер: Имавме 558 пријави за сомнителни дронови

Белгискиот Национален кризен центар (NCCN) примил 558 пријави за сомнителни беспилотни летала меѓу септември 2025 и 21 јануари 2026 година, изјави денес министерот за внатрешни работи, Бернард Квинтин, пренесува Anadolu.

Говорејќи пред надлежниот парламентарен одбор, Квинтин рече дека првите забелешки за дронови во земјата биле пријавени на 4 ноември, пренесе новинската агенција Belga.

Инцидентите продолжиле и во наредните денови, поради што аеродромите во Брисел (Zaventem) и Лиеж девет пати го запреле воздушниот сообраќај.

Најмногу прекини во ноември

Седум прекини се случиле во ноември, а уште две во декември.

Од вкупно 558 пријави, 130 се однесувале на дронови над воени подрачја, а 66 над нуклеарни објекти. Другите забелешки биле регистрирани над аеродроми и индустриски капацитети во рамките на Севезо локации, рече министерот.

Тој додаде дека, иако вкупниот број на забелешки можеби е преценет, дел од летовите веројатно и не биле пријавени.

Русија веројатен сторител

Министерот посочи дека врвот на активностите бил забележан во ноември и дека NCCN се состанал на 6 ноември, но не активирал претпазливост или аларм според Националниот план за вонредни ситуации.

„Проценката на безбедносните служби била дека нема непосредна опасност за нашите граѓани или инфраструктура, туку се работи за дејства на заплашување и попречување, веројатно поврзани со државен актер, во овој случај Русија“, рече Квинтин.