Безбедноста и здравјето при работа – инвестиција во луѓето и економијата: Започна проектот „Кон безбедна и здрава работна средина“

Намалување на бројот на повреди и заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област, е клучната цел на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“. 

Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, го имплементира Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија.

„Безбедноста и здравјето при работа не се само технички или административни категории. Тие се основни човекови права и показател за тоа колку едно општество навистина се грижи за својот човек. Тие ја одразуваат зрелоста на една држава, не само во економска, туку и во морална и институционална смисла. Сосема отворено, мораме да признаеме: состојбата со безбедноста и здравјето при работа во Македонија сè уште не е на нивото на кое тежнееме. Податоците покажуваат дека бројот на повреди на работа и понатаму е висок, а системите за управување со ризици не се доволно распространети, особено во малите и средни претпријатија. Владата останува целосно посветена на изградба на систем кој ќе гарантира сигурни, здрави и продуктивни работни места за сите граѓани. Со поддршка на меѓународните партнери, со социјалниот дијалог и со знаењето на нашите експерти и академици, уверен сум дека ќе изградиме одржлива и современа култура на превенција – достојна за земја што чекори кон Европската Унија“, истакна заменик претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, во своето обраќање на официјална промоција на Проектот.

Советникот на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, истакна дека проектот претставува уште еден конкретен чекор во приближувањето на земјата кон европските стандарди. „Безбедните и здрави услови за работа не се само законска обврска – тие се основна европска вредност. ЕУ ги поддржува сите напори на Северна Македонија да создаде систем во кој превенцијата има предност пред реакцијата, а здравјето на работниците се смета за подеднакво важно како и економскиот раст. Инвестирањето во безбедност и здравје при работа води до поголема продуктивност, помал број на боледувања, помотивирани вработени и поконкурентни компании. Овој проект ќе ѝ помогне на земјата да го усогласи својот правен рамковен систем со директивите на ЕУ, да ги дигитализира процесите на трудовата инспекција и да воспостави национален систем на податоци што ќе овозможи управување со ризиците засновано на докази и ќе поттикне подобар социјален дијалог меѓу работодавачите и работниците“, истакна Албу.

Директорката на Регионалниот центар на МОТ во Будимпешта, Клер Харасти, преку видео порака, нагласи дека успехот на секоја економија зависи од тоа колку го вреднува здравјето на своите луѓе. „Северна Македонија направи значаен чекор со овој проект кој ги обединува сите – Владата, синдикатите и организациите на работодавачи – во заедничка цел: да создадат побезбедни, поздрави и поправедни работни места. МОТ со гордост ја поддржува оваа иницијатива која ја спојува експертизата, превенцијата и дијалогот. Преку обуки, техничка поддршка и споделување на добри практики, ќе работиме на надградба на системот . Нашата мисија е јасна, да го претвориме правото на безбедно и здраво работно место во реалност за секој работник, во секој сектор“, истакна Харисти.

Регионалната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, во своето обраќање додаде дека безбедноста при работа е директно поврзана со глобалните Цели за одржлив развој. „Безбедноста и здравјето при работа се суштински дел од Агендата 2030. Тие не се само прашање на заштита на животите, туку предуслов за достоинствен труд, еднаквост и социјална правда. Обединетите нации стојат зад Северна Македонија во нејзината определба да создаде општество во кое секој човек ќе може да работи без страв од повреда, болест или дискриминација. Со овој проект, државата го зајакнува својот капацитет да ги претвори меѓународните стандарди во реалност, што ќе се чувствува во секоја компанија и на секое работно место“, потенцираше Колумбија.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека овој проект отвора ново поглавје во националната политика за безбедност и здравје при работа. „Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година, нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.

Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на која за безбедноста и здравјето при работа, како приоритет за земјата, своите размислувања и ставови ги споделија директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Максути, претседателката на Советот за БЗР, Јасмина Чалоска, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, претседателот на КСС, Благоја Ралповски, извршниот директор на ОРМ, Светлана Ристовска–Антиќ и претседателот на БКМ, Миле Бошков. Во рамки на дискусијата тие ја потенцираа неопходноста од ефикасен социјален дијалог и континуирана соработка меѓу институциите, работниците и работодавачите во унапредување на условите за работа, намалување на бројот на повреди и изградба на култура на превенција и одговорност на сите чинители во системот.

Клучни активности и очекувани резултати од Проектот

Проектот предвидува:

  • Изработка на Национална политика и стратегија за БЗР 2026–2030;
  • Целосно усогласување на домашната законска рамка со конвенциите на МОТ и директивите на ЕУ;
  • Засилен инспекциски систем преку нов центар за обука и воведување нови методологии, дигитализација на инспекциските процеси и нов систем за управување со предмети;
  • Воспоставување национален ИТ-систем за пријава и анализа на повреди и професионални заболувања;
  • Поддршка на социјалните партнери со обуки, прирачници и мали грантови;
  • Интеграција на БЗР во образованието и национални кампањи за подигање на јавната свест.

Очекуваните резултати до 2028 година вклучуваат: усвоена Национална стратегија за БЗР, модернизиран инспекциски систем, оперативна БЗР-платформа со реално-временски податоци, посилно партнерство меѓу Владата, работодавачите и работниците и подобрена култура на превенција во компаниите и образовните институции.

„Безбедноста и здравјето при работа не се трошок – тоа е инвестиција во луѓето, во продуктивноста и во иднината на економијата“, порача Милан Петковски, национален проектен координатор, истакнувајќи дека реализацијата на овој Проект ќе овозможи создавање на модерна, интегрирана и превентивна национална БЗР рамка што е предуслов и своевидна гаранција за посигурни, поздрави и поодржливи работни места за сите граѓани.

Зошто овој Проект е важен

Статистичките податоци покажуваат дека на глобално ниво годишно се случуваат 2,9 милиони смртни случаи и над 400 милиони повреди на работно место, што на светската економија ѝ нанесува загуби од околу 4% од глобалниот БДП. Во ЕУ, економските загуби се проценуваат на 3,3% од БДП на Унијата, што изнесува околу 460 милијарди евра. Ако се примени оваа стапка, тогаш економските загуби предизвикани од повредите на работно место во нашата земја би изнесувале помеѓу 500 и 600 милиони евра годишно. Овие бројки го покажуваат значењето на вложувањата во превенција и подобри услови за работа.

Во 2023 година, Државниот инспекторат за труд спроведе над 22.000 инспекциски надзори, при што во речиси половина од случаите се утврдени неправилности. Ова покажува зголемена инспекциска активност, но и потреба од понатамошно јакнење на институционалните капацитети.

Земјата бележи континуиран напредок во усогласувањето со европските директиви за безбедност и здравје при работа, но националната регулатива сè уште не е целосно усогласена со стандардите на МОТ и ЕУ, што е една од клучните задачи на овој Проект.