Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга, поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон, се согласија да сведочат како дел од конгресната истрага за случајот Џефри Епштајн.
Одлуката на Клинтон да сведочат како дел од истрагата за Џефри Епштајн би можела да спречи планирано гласање во Претставничкиот дом предводен од републиканците за да се прогласат Клинтон за виновни за непочитување на судот, што би можело да доведе до кривични обвиненија, објави Ројтерс.
Комитетот за надзор на Претставничкиот дом ја препорача мерката минатата недела поради нивното претходно одбивање да сведочат за нивната врска со Епштајн.
Клинтон претходно понудија соработка со комисијата, но одбија да се појават лично, велејќи дека истрагата е партиска и има за цел да го заштити републиканскиот претседател на САД Доналд Трамп.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ја поздрави одлуката, но не прецизираше дали ќе се откаже од планираното гласање за непочитување на судот.
„Очекуваме сите да се придржуваат кон судските покани на Конгресот“, рече Џонсон.
Бил Клинтон патувал со авионот на Епштајн неколку пати на почетокот на 2000-тите откако ја напушти функцијата. Подоцна изрази жалење за врската и рече дека немал сознанија за криминалната активност на Епштајн.
Министерството за правда на САД неодамна објави три милиони страници, 180.000 фотографии и 2.000 видеа, како и имиња поврзани со покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Во документите се споменуваат многу познати личности кои имале контакт со Епштајн. Меѓу нив, покрај Клинтонови, се Доналд Трамп, Елон Маск, Бил Гејтс, поранешниот британски принц Ендру, норвешката принцеза Мете Марит и Мило Ѓукановиќ.
