Бислимоски: Нема проблеми со снабдувањето – Лукоил продолжува нормално да работи во Македонија

Добра вест за граѓаните и пазарот на горива: бензинските пумпи на „Лукоил“ ќе продолжат да работат во земјите каде што компанијата е присутна, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Тој нагласи дека и покрај воведените меѓународни санкции, во изминатиот месец во Македонија немало никакви проблеми во работењето на „Лукоил Македонија“.

„Снабдувањето со нафтени деривати се одвива целосно нормално. Македонија е меѓу најмалку засегнатите држави, главно затоа што кај нас нема рафинерија во сопственост на Лукоил, ниту било која друга рафинерија поврзана со Руската Федерација. Новата одлука на САД сигурно дополнително ќе ја стабилизира ситуацијата“, изјави Бислимоски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека „Лукоил Македонија“ во изминатиот период се однесувала исклучително коректно, не отпуштила ниту еден вработен и презела сите потребни мерки за непречено функционирање.

„Според информациите со кои располагам, компанијата ги обезбедува нафтените деривати преку домашните трговци. Благодарение на тоа, немаше никакви прекини во снабдувањето“, додаде Бислимоски.