Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја финализираше административната проверка и го утврди конечниот список на претенденти за оваа клучна функција. Од вкупно пријавените, десет кандидати ги исполниле законските услови и влегуваат во фазата на интервјуа, додека двајца се елиминирани поради непотполна документација или несоодветно искуство.
Процесот на избор влегува во својата критична фаза веќе денеска. Врз основа на извршената административна проверка, Комисијата за селекција едногласно од присутните членови ја утврди листата на кандидати кои ќе бидат сослушани во наредните два дена.
Распоред на интервјуата: Кој кога ќе биде испрашуван?
Интервјуата со кандидатите се закажани за денеска и утре, 18-ти и 19-ти ноември 2025 година, и ќе се одвиваат по строго утврден редослед.
Денеска, вторник (18.11.2025), пред Комисијата ќе се појават првите пет кандидати:
- Процесот го отвора Весна Доревска во 09:00 часот.
- Веднаш по неа, во 09:30 часот, следи Владимир Наумоски.
- Во 10:00 часот е закажано интервјуто на Антонио Санев.
- Половина час подоцна, во 10:30 часот, ќе се претстави Бранко Смилевски.
- Денешната сесија ја затвора Валентина Тодоровска со термин во 11:00 часот.
Утре, среда (19.11.2025), испрашувањето продолжува со преостанатите пет кандидати:
- Утринскиот термин од 09:00 часот е резервиран за Ненад Трифуновски.
- Во 09:30 часот следува Благица Трошанска.
- Кандидатот Кимо Чавдар ќе биде интервјуиран во 10:00 часот.
- Во 10:30 часот пред Комисијата ќе застане Адем Чучуљ.
- Циклусот на интервјуа завршува со Феузи Џафери во 11:00 часот.
Двајца кандидати отпаднаа од трката
Комисијата за селекција објави и листа на пријавени кандидати кои не ги исполниле условите, со што нивните кандидатури се отфрлени уште во фазата на административна проверка.
Според официјалниот извештај, одбиени се:
- Бранко В’чков: Неговата кандидатура е отфрлена поради „неуредна документација и несоодветен вид на високо образование“.
- Зоран Наумов: Елиминиран е поради „несоодветно работно искуство во областите предвидени согласно законот“.
Овој избор се спроведува согласно Одлуката за објавување на јавен оглас во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 160/2025, а новите членови и претседател на ДКСК ќе имаат задача да ја водат борбата против корупцијата во следниот мандат.