Актерот Роберт Боб Оденкирк во моментов е во стабилна состојба откако пред неколку дена паднал на снимањето на филмот Better Call Saul (Подобро јавете му се на Сал) кое е продолжението на Breaking Bad (На лош пат).
Имено, 58-годишниот актер бил итно префрлен во болница во Ново Мексико, а сега тој се опоравува од засега неодредена болест која била поврзана со срцето.
Неговото семејство упати благодарност за добрите желби и потврди дека тој е во добро здравје.
„Можеме да потврдиме дека Боб е во стабилна состојба откако доживеа инцидент поврзан со срцето. Тој и неговото семејство би сакале да изразат благодарност за неверојатните лекари и медицински сестри кои го чуваа, како и за неговата филмска екипа и продуцентите кои останаа покрај него. Оденкирк, исто така, сака да им се заблагодари на сите за обилните добри желби и побара да му ја почитуваме приватноста во овој миг, додека Боб работи на неговото закрепнување“, се вели во изјава од претставникот на Оденкирк до „Јаху ентертејнмент“.
И неговиот син Нејт Оденкирк, на Инстаграм прокоментира: „Ќе биде добро“.
„ТМЗ“, кој прв ја објави веста, известува дека Оденкирк „не бил свесен во раните утрински часови во болницата“, иако сега е свесен.
Во мигов не се знае како неговото закрепнување ќе влијае на снимањето, а во моментов се снима шестата и последна сезона, но поради паузата причинета од пандемијата на коронавирусот, е предвидено да се емитува во 2022 година.