Босна и Херцеговина е првата земја во светот што го номинира Трамп за Нобелова награда

Претседателотсвото на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува klix.ba.

Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.

Клучна улога во мировниот процес

Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.

Претходен обид за номинација

Денешната одлука дојде речиси два месеци откако Жељка Цвијановиќ првпат ја предложи номинацијата. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.

Да ве потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен во дневниот ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ тогаш сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостасуваат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.

Во тоа време, кабинетот на Беќировиќ изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.

Историски дипломатски пробив

Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.

По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ наскоро официјално да ја достави номинацијата до Комитетот за Нобелова награда во Осло.