Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес денеска се одржа свечена церемонија за примопредавање на должноста командант на Командата за обука и доктрини (КОД). Досегашниот командант, полковник Васко Коколански, ја предаде должноста на бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој со указ на претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, е унапреден во ова звање и поставен на новата функција.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање изрази благодарност до полковникот Коколански за неговиот придонес во развојот и успешното позиционирање на КОД. На новиот командант, генерал Нуредини, му порача да продолжи со истата посветеност и професионализам, користејќи ги своите знаења и вештини за натамошен напредок на командата.
Бригаден генерал Нуредини се заблагодари за укажаната доверба и истакна дека ќе продолжи со посветеност во унапредувањето на обуката и развојот на единицата. Во знак на признание, тој му додели Плакета на полковникот Коколански за неговиот придонес во изградбата и развојот на КОД, како и за напорите вложени во подобрување на борбената обука.
Во своето проштално обраќање, полковникот Коколански им се заблагодари на припадниците на КОД за нивната поддршка за време на неговиот мандат, истакнувајќи дека командата ќе продолжи да биде клучен фактор во јакнењето на капацитетите на Армијата.
На свеченоста присуствуваа високи претставници од Армијата, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, кабинетот на претседателката, воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа и други гости.