Велика Британија нема да ги користи своите воени бази на Кипар за офанзивни операции против Иран во рамки на актуелната криза на Блискиот Исток, соопшти кипарскиот државен врв по разговорот меѓу британскиот премиер Кир Стармер и претседателот на Кипар Никос Христодулидис.
Како што јавува Ројтерс, кипарскиот портпарол Константинос Летимбиотис изјавил дека Стармер ја уверил Никозија дека британските бази на Кипар нема да бидат користени за „офанзивни операции“ поврзани со Иран. Воедно било нагласено дека безбедноста на Кипар е важна за Лондон и дека ќе бидат преземени дополнителни превентивни мерки за заштита.
Оваа порака доаѓа откако на почетокот на март британската база RAF Акротири на југот од Кипар беше погодена од дрон, за кој официјални лица посочија дека е од ирански тип. Нападот предизвика ограничена материјална штета, без жртви, но ја засили загриженоста дека Кипар може подлабоко да биде вовлечен во регионалниот конфликт.
Според извештаите, по инцидентот Велика Британија, Франција и Грција ја засилиле противвоздушната одбрана околу островот.
Кипар се смета за особено чувствителен поради својата позиција во источниот Медитеран и присуството на две британски суверени воени бази кои Лондон ги задржува уште од стекнувањето на независноста на островот во 1960 година.
Изјавата од Лондон доаѓа во момент кога британската влада, според информации на Reuters, претходно одобрила користење на други свои бази за американски напади врз ирански ракетни позиции поврзани со нападите врз бродови во Ормуски теснец.
Токму затоа, пораката во однос на Кипар има дополнителна политичка тежина и укажува дека британската влада настојува да избегне дополнително изложување на островот на безбедносни ризици.
