Зимските утра често започнуваат со истата сцена – автомобил целосно покриен со снег и мраз.
Иако многу возачи развиваат свои „брзи методи“ за чистење, неправилното чистење на снегот може да доведе до оштетување на возилото, како и до сериозни проблеми со безбедноста во сообраќајот. Сепак, постојат ефикасни и безбедни начини да го исчистите вашиот автомобил пред да тргнете, објавува Данас.
Подолу се дадени четири основни совети кои помагаат правилно да се отстрани снегот и мразот, без да се ризикува возилото и другите учесници во сообраќајот.
- Прво вклучете ги грејачите и проверете го издувниот систем
Пред да започнете со какво било физичко чистење на снегот, важно е да проверите дали издувната цевка (издувниот систем) е целосно слободна. Ако е затнат со снег или мраз, постои ризик од враќање на јаглерод моноксид во внатрешноста на возилото, што може да биде исклучително опасно.
После тоа, се препорачува да се вклучат одмрзнувачите на предните и задните прозорци. Тие постепено ги загреваат надворешните површини и помагаат полесно да се олабави мразот, намалувајќи ја потребата од грубо стружење и евентуално оштетување.
- Никогаш не користете топла вода
Илевањето топла или врела вода на замрзната шофершајбна може да изгледа како брзо решение, но во пракса честопати завршува со пукање на стаклото. Ненадејната промена на температурата создава стрес во материјалот, што може да резултира со сериозни оштетувања и скапи поправки.
Од истата причина, не се препорачува употреба на отворен пламен или импровизирани уреди за греење. Ако деловите од возилото што не се направени од стакло – како што се рачките на вратите – се замрзнати, можете да користите млаз ладна вода и внимателно да го отстраните мразот со мека четка.
- Користете ги вистинските алатки
Една од најчестите грешки е користењето на погрешни алатки. Металните стругалки, иако се достапни на пазарот, можат да го изгребат стаклото или да ја оштетат бојата на возилото. Истото важи и за разни „домашни мешавини“, како што се оцет и вода, кои можат да остават трајни оштетувања.
Најдобрата опција е комбинација од пластична стругалка и мека, неабразивна четка специјално дизајнирана за отстранување снег. Четките што не се дизајнирани за оваа намена можат да остават мали гребнатини што се акумулираат со текот на времето и го расипуваат изгледот на автомобилот, пишува rochestermazda.com.
- Чистете го автомобилот од горе надолу
При отстранување на снег, важно е да започнете од покривот на автомобилот и да работите надолу. Со влечење на снегот кон вас, наместо да го туркате, се намалува ризикот од насобирање снег на веќе исчистените површини.
Посебно внимание треба да се посвети на шофершајбната, задниот прозорец, хаубата и багажникот. Целта е да се избегнат големи наслаги од снег или мраз што би можеле да се лизнат при возење и да ја загрозат видливоста или безбедноста на другите возачи. Помалите остатоци што ќе се стопат со помош на грејачот се прифатливи, но големите парчиња не се.
Зошто е важно темелното чистење
Одвојувањето неколку дополнителни минути за правилно чистење на вашиот автомобил не само што го штити возилото од оштетување, туку и придонесува за безбедноста на патот. Снегот и мразот што паѓаат од покривот или хаубата при возење можат да претставуваат сериозна опасност за возилата зад вас.
Трпението и соодветната опрема се клучни сојузници во зимски услови – и помагаат да го одржите вашиот автомобил во добра состојба на долг рок, без непотребни трошоци за поправка.
