Дали каменолом е вистинската причина за катаклизмата во Јабланица?

ИАКО со недели и месеци ќе се утврдуваат штетите предизвикани по поплавите во Доња Јабланица, здруженијата и жителите потенцираа дека дел од вината за ваквите апокалиптични сцени може да се препише и на каменоломот кој се наоѓа во близина на местото, пишува Кликс.ба.

Имено, од здружението Еко акција прашаа дали изградбата на блискиот каменолом го мултиплицирала бројот на жртви и штети на овој простор. „Во шумата над Доња Јабланица по војната беше отворен каменолом, кој по синоќешните обилни дождови падна врз населбата“, изјавија оттаму.

Се вчитува...

Жителите кои разговарале со спасувачите тврдат дека причина за катастрофата бил каменоломот и дека претходно предупредиле за тоа. Она што дефинитивно може да се види од бројните снимки е дека свлечиштето навистина делумно почнало од правец на каменоломот, а во тој правец биле затрупани бројни објекти.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ вечерва во интервју за N1 БиХ го спомена каменоломот.

“Неколку илјади тони камења од каменоломот ја погодија населбата. Водата поплави друг дел од населбата. Каменоломот создаде брана, а водата потоа отиде во долината каде што се наоѓаат околу 20 куќи. Голем број на жртви.” – изјави Конаковиќ.

Веќе беше нарушен квалитетот на почвата, жителите тврдат дека каменоломот ги нема сите потребни дозволи

Поради работата во овој каменолом, која се одвиваше уште пред војната, квалитетот на почвата во овој крај веќе беше нарушен, а големите врнежи дополнително ја влошија состојбата.

Жителите во текот на денот изјавија и дека работата на самиот каменолом е под знак прашалник бидејќи, како што наведуваат, ги нема сите потребни дозволи.

Да потсетиме, каменоломите и претходно правеа проблеми низ цела Босна и Херцеговина. Во април годинава каменоломот во градот Бијела, северно од Мостар, предизвика одрон по минирањето.

Жителите од тој крај со години апелираат до надлежните да ги преземат неопходните чекори во врска со работата на каменоломот. Каменоломите, кои се почесто се отвораат на територијата на Босна и Херцеговина, често доведуваат до одрони на патиштата и го загрозуваат сообраќајот, со оглед на тоа што локалните и магистралните патишта се оштетени поради минирање и доаѓање на тешка механизација.