Дали има злоупотреба во програмата за намалување на диспаритетите за 2021 година? Информациите до кои дојдоа до редакцијата на ТВ21 велат дека Министерот за локална самоуправа Горан Милевски давал незаконски наредби спротивно на критериумите за избор на проекти.
„Законот е прекршен со тоа што не се почитувани правилата и критериумите за распределба на парите од програмата. Министерот Горан Милевски давал незаконски наредби спротивни на критериумите и законот на членовите да носат одлуки за распределба на парите по општините“, вели извор за ТВ21.
Станува збор за над 1,4 милиони евра буџетски пари. За овие наводи го контактиравме и Министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Тој вели дека нема апсолутно никакви нерегуларности.
„Средствата се распределуваат на општините и тие располагаат со средствата. За 2021 надлежни за овие средства беше Бирото за регионален развој. Ние програмата ја презедовме од 2022 година“, вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Пред измените на законот, со средствата и распишувањето на повикот располагало Бирото за регионален развој, а од оваа година таа обврска ја презема Министерството за локална самоуправа.
Информациите со кои располага ТВ21 велат дека нерегуларностите се кога проектите се наоѓале кај комисијата, односно дека тогаш наводно министерот влијаел врз членовите на комисијата да донесат позитивни оцени за одредени проекти.
Инаку, законот предвидува дека на крајот одлуката за одредени проекти ја донесува министерот сам.
„Министерот во рок од 30 дена од денот на добивање на извештајот донесува одлука за избор на проекти за финансирање од Програмата“, се вели во законот за рамномерен регионален развој.
Во законот уште се предвидува дека доколку за некој од проектите е потребно повеќегодишно финансирање, министерот може да го избере, по претходно добиено позитивно мислење од Владата.
На веб страницата на Министерството за локална самоуправа има две одлуки за избор на проекти за финансирање активности за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност. Првата е недостапна и не може да се погледне. Кај втората пишува дека е со измени и таа е достапна. Во образложението за измените пишува:
„По спроведено прво оценување на проектите Министерот за локална самоуправа донесе Одлука со која се одобруваат 22 проекти во вкупна вредност од 74,8 милиони денари и одлука за измена и дополнување во вкупна вредност од 10,2 милиони денари“, се вели во одлуката за изменување и дополнување на одлуката за избор на проекти.
Во документот уште се вели дека по донесувањето на двете одлуки, пристигнале уште девет проекти апликации по кои повторно постапувала Комисијата и дала позитивно мислење за осум проекти. Од нив министерот прифатил пет за што биле одвоени дополнителни 88,6 милиони денари.
Иако законот предвидува да бидат објавени одобрените и одбиените проекти, при нашиот увид на веб страницата на Министерството тоа не е направено. Претставени се само последните, дополнителни пет проекти кои биле прифатени од страна на Министерот.