Дали знаете што е Ергофобија? Порталот „Н1“ пишува дека овој страв се одликува со чувства на вознемиреност што се јавува при одење на работа, како и при извршување задачи на работното место.
Според порталот, се работи за нерационален или неоснован страв од работа или пак, од одговорност.
Секако, ова може да се однесува и на стравот од неуспех на работа или не можноста да се работи заедно со други луѓе.
Оваа фобија многу лесно се препознава со промените на телото на време на работа, а се третира со психотерапија. Исто така, оваа фобија може да биде комбинација од неколку фактори и стравови поврзани со работното место, односно работникот може да има страв од претпоставен, неуспех, зборување пред група луѓе, страв од комуникација со колегите, мобинг.
Фобијата води до тоа лицето, односно работникот да не може нормално да ги извршува секојдневните задачи.
Иако точната причина за оваа болест не е утврдена, сепак може да има неколку фактори од минатото кои во сегашноста предизвикуваат проблеми, односно можеби станува збор за постојан проблем на работното место, што доведува до ергофобија, но и траума во детството, каде што личноста, на пример, морала да работи напорно, и како резултат на тоа, постои некои проблематичен однос кон работата.
Како може да се препознае ергофобија?
Можат да се појават голем број физички и психолошки симптоми кои различно се манифестираат кај секоја личност, но лицето кое ја поседува оваа фобија може да развие вознемиреност и нервоза уште при самото размислување за своето работно место, додека пак, на работа може да се појават и физички симптоми, како што се забрзано чукање на срцето, прекумерно потење, сува уста и напади на паника.
Некои луѓе може да имаат секојдневни напади на паника, што потоа бара дури и згрижување во болница, а исто така, одредени луѓе може да се чувствуваат и неспособни за извршување на својата работа поради страв, па понатаму тоа може да се развие и во депресија.
Како се третира оваа фобија?
Како и со сите други фобии, и оваа се третира со психотерапија при што когнитивно-бихејвиоралната терапија има најдобар ефект, но и терапија со експозиција каде лицето се приближува до својата фобија, па така стравот постепено се намалува.
Покрај терапијата, на лицето може да му помогнат и медитација, јога, вежбање и разни техники на дишење кои што се користат во стресни ситуации.
Во екстремни случаи, важно е да се побара помош од професионалец, така што оваа фобија да не влијае на вашиот живот.