Даниловски алармира: Преминат е Рубиконот, Скопје е пред јавноздравствен колапс, се создаваат идеални услови за чума!

Познатиот епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски упати остро предупредување на својот Фејсбук-профил, дека Скопје се наоѓа на раб на јавноздравствена катастрофа поради хаосот со сметот и неконтролираната појава на стаорци и глувци низ градот.

„Јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ практично не функционира, а купишта ѓубре се натрупани околу контејнерите. Ова веќе не е прашање на естетика или урбан ред — туку прашање на јавно здравје“, напиша Даниловски.

Тој предупредува дека состојбата кулминирала со каснување на дете од глушец во училишен двор, настан кој, според него, е „црвена линија што не смееше да се премине“.

„Тоа не е повеќе инцидент, туку симптом на системски распад. Преминат е Рубиконот. Нема назад“, потенцира професорот.

Во статусот, Даниловски потсетува дека уште во 2023 година предупредувал на „мијазмата“ во главниот град и дека купиштата ѓубре создаваат идеални услови за ширење на зарази како лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума.

„Познато е дека стаорците се размножуваат експоненцијално – во 18 месеци еден пар може да даде повеќе од милион потомци. Прашањето е: колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци?“, прашува Даниловски.

Тој повикува на итна, координирана интервенција на сите надлежни институции – со можност за прогласување вонредна состојба во најзагрозените делови од градот, заради дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

„Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата. Правото на здравје е уставно загарантирано“, порачува Даниловски.