Дел од полицајците се спасија: Застареноста на делата запре истрага против седум полицајци

Иако истрагата за трагедијата во кабарето „Пулс“ во Кочани опфати дури 27 полициски службеници, правдата нема да ги стигне сите. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе Наредба за запирање на истражната постапка против седум полицајци. Клучната причина за дел од нив е – апсолутна застареност на кривичното гонење.

Како „минусот“ на фирмата ги спаси полицајците?

Обвинителството во образложението открива правен лавиринт кој овозможил дел од делата да застарат пред воопшто да биде покрената истрагата.

Имено, за дејствијата преземени во 2019 година, обвинителството утврдило дека клубот „Пулс“ таа година работел со загуба. Поради ова, евентуалната злоупотреба на полицајците се квалификува според полесниот став од членот 353 (Злоупотреба на службена положба), за кој е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.

Бидејќи Наредбата за истрага е донесена дури на 16.04.2025 година, согласно Кривичниот законик, за овие дела веќе настапила апсолутна застареност. Едноставно кажано – поминало премногу време за да можат да бидат гонети за пропустите направени пред шест години.

За разлика од нив, за дејствијата во 2022 година, кога клубот остварил добивка од над 280.000 денари, делата не се застарени бидејќи се квалификуваат како потежок облик на кривично дело и за нив обвинението продолжува.

Немале надлежност за пожарот

Вториот основ поради кој дел од полицајците се ослободени од гонење е недостатокот на директна врска со пожарот. Истрагата покажала дека овие службеници, според Законот за угостителска дејност, биле надлежни само за проверка на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот (како на пример, бројот на паркинг места).

Обвинителството оценило дека нивните пропусти, иако постоеле, не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со избувнувањето на пожарот и трагичните последици, па затоа не можат да одговараат за „Тешки дела против општата сигурност“.

Додека седуммина се спасуваат поради правни процедури и застареност, пред судот ќе бидат изведени 13 полициски службеници. Тие директно се теретат дека на кобниот 16 март 2025 година, при контролата во „Пулс“, не презеле мерки да ја спречат употребата на непријавена пиротехника, што доведе до смрт на 63 лица и тешки повреди кај 223 гости.