Демократскиот сојуз остро реагира на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нарекувајќи ги отворени закани за дестабилизација и повикувајќи ги институциите – особено МВР и правосудните органи – да преземат итни мерки за спречување на безбедносна и политичка криза.
Во реакцијата се наведува дека ДУИ и понатаму упорно одбива да прифати дека нејзините челници веќе не се над законот. Повод за нивната реакција се изјавите на Ахмети кој најави дека ќе „излезе на улица и нема да се врати“, доколку поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, биде обвинет за трагедијата во Кочани.
„Таква мафијашка уцена и притисок врз обвинителството и судовите е невидена во Македонија“, наведува Демократскиот сојуз. Тие потсетуваат дека ДУИ досега управувала со правосудството по диктат, а осудените функционери како Артан Груби и Перпарим Бајрами се сè уште во бегство.
Сојузот ја обвинува ДУИ и за лицемерие – бидејќи сега ветуваат поддршка за семејствата од Кочани, а молчеле за жртвите во Тетово, Ласкарци и Бугарија, каде, како што велат, правдата била селективна и под нивна контрола.
„Неговото време заврши. Местото на криминалците – без оглед на партија, етничка или верска припадност – е зад решетки“, порачува Демократскиот сојуз, повикувајќи на доследна примена на законот без отстапки.