Денес е Светски ден на турското кафе – симбол на гостопримството, дружењето и културниот идентитет

Денес, 5 декември, ширум светот се одбележува Светскиот ден на турското кафе – пијалак што со векови претставува симбол на гостопримството, дружењето и културниот идентитет на Турција и регионот.

Културата на подготовка и консумирање на турското кафе во 2013 година беше впишана на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Уникатниот процес на подготовка е она што го издвојува овој пијалак: висококвалитетни зрна, најчесто од Бразил и Централна Америка, се печат полека и се мелат мошне фино, создавајќи густо, ароматично кафе со препознатлива пена.

Турското кафе традиционално се служи во мали шолји, проследено со чаша вода – гест што симболизира почит и добредојде. Присутно е на празници, свечености и веридби, а читањето на талогот останува дел од традицијата што му дава дополнителна мистичност.

Историјата на овој пијалак започнува во 1543 година, кога Оздемир Паша, валија на Јемен, го донел во Истанбул. Од таму, преку трговски релици, брзо се проширил низ Европа и станал еден од најпознатите начини на подготовка на кафе, рамо до рамо со италијанското еспресо.

Популарноста на турското кафе во Турција постојано расте. Според податоци на Универзитетот Ајдан од Истанбул, просечната годишна потрошувачка по лице од 350 грама во 2011 година пораснала на 1,1 килограм во 2021 година – доказ дека традицијата има силно место и во современиот живот.

Светскиот ден на турското кафе потсетува на богатото културно наследство што се пренесува од генерација на генерација – со вкус, мирис и топлина што обединуваат.

Како да подготвите вистинско турско кафе

Подготовката на турското кафе може да варира, но традиционалниот метод останува ист:

  1. Користете квалитетно, фино смелено и добро испечено кафе Арабика.
  2. Наполнете бакарно ѓезве (cezve) со количина вода мерена во шолјата во која ќе го сервирате кафето.
  3. Додадете две лажички кафе и шеќер по вкус, па измешајте.
  4. Ставете го ѓезвето на рингла на средна температура и повеќе не мешајте.
  5. Кога пената ќе се подигне, тргнете го ѓезвето, почекајте да спласне и повторно вратете го.
  6. Процесот повторете го три пати за да добиете густа, богата пена, а потоа внимателно истурете во шолјата.

Турското кафе се служи жешко, во мала шолја, со чаша ладна вода. Првин се зема голтка вода за да се неутрализира вкусот, а потоа се ужива во секоја голтка кафе – токму онака како што налага традицијата.