Денес е Велики Четврток – се вапцаат велигденските јајца

Велики четврток се одбележува како ден посветен на вапцувањето на велигденските јајца, во рамки на Страдалната седмица, период исполнет со значајни настани поврзани со спасението на човекот.

Централниот обичај на овој ден е вапцувањето на јајцата, кое се изведува со особено внимание и почитување на традицијата. Според обичаите, најпрво се вапцуваат три јајца во црвена боја, по што следуваат и останатите. Првото јајце е познато како Господово јајце и му се посветува на Господ, второто му припаѓа на домаќинот, а третото е наменето за стоката и бериќетот.

Посебно место во верувањата има јајцето првак, за кое се смета дека има заштитна и лековита моќ. Тоа се чува пред иконата и, според народните верувања, се користи за заштита од непогоди, болести и други несреќи.

Обичајот налага јајцата да се вапцуваат рано наутро, пред изгрејсонце. Се верува дека ако се вапцуваат подоцна, може да се расипат, додека оние што се подготвени пред да ги огрее сонцето, особено првото јајце, можат да траат долго време. Исто така, домаќинката треба да има каснато барем еден залак пред да започне со вапцувањето, бидејќи според верувањата, во спротивно може да донесе несреќа или да ја изгуби „моќта“ на јајцето.

Во различни делови од Македонија, првото јајце се става во сито и се изложува на првите сончеви зраци, обесено на видно место. Во некои краишта, во ситото се ставаат и други предмети како жито, срп или сукало, со симболика за плодност и бериќет. Ситото најчесто се покрива со црвена ткаенина или машки појас.

По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.