Историски момент за Северна Македонија и Албанија. По долги години чекање денеска почнаа преговори за влез во Европската Унија. Двете балкански земји го започнаа процесот пред речиси две децении.
Премиерите на Северна Македонија и Албанија беа пречекани во Брисел за да ги започнат вистинските пристапни преговори. Улогата на нивни домаќини ја имаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка, Петар Фиала. Чесите се ротирачки претседател на Европската унија и имаа ретка шанса во текот на нивните 6 месеци да започнат преговори со две нови земји-членки, иако тоа дојде по силни напори, па дури и притисок од Франција.
За Северна Македонија и Албанија, долгоочекуваниот момент дојде на 19 јули 2022 година.
„Голем, историски ден за Република Северна Македонија. После 17 години чекање. По 17 години носење тешки, важни, значајни одлуки, Северна Македонија денеска ги започнува преговорите за полноправно членство во Европската Унија“, изјави премиерот на РСМ Димитар Ковачевски.
Европската комисија пред 4 години препорача почеток на овие преговори. Но, тогаш започнаа тешкотиите за двете балкански земји. Прво, парламентите на Германија и Холандија поставија услови. Потоа забелешки имаше и претседателот на Франција. Северна Македонија го смени името на инсистирање на Грција. И конечно дојде бугарското вето. Најниската точка беше во септември, кога 27-те не успеаја да се договорат за гаранција дека вистинските преговори ќе започнат. Но, денес серијата одложувања и пречки се ставени на втор план.
„Многу ми е мило што сум тука со вас. Ова е ваш успех. И успех на граѓаните на вашите земји. Вие и вашите народи работевте толку напорно за да стигнете овде. Покажавте издржливост и верба во процесот на пристапување. изјави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Брисел ги пофали двете земји за направените реформи, за модернизацијата на нивните економии и мерките за борба против корупцијата. Македонците и Албанците се заблагодарија на Урсула фон дер Лајен, на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и особено на Емануел Макрон. Француската дипломатија конечно предложи опција Софија и Скопје да ја прифатат за да се деблокира процесот.
„Знаеме дека ова не е почеток на крајот. Наместо тоа, тоа е крај на еден почеток. Но, како и да е – настанот е целосно позитивен. Ни треба за да изградиме успешен и отворен Западен Балкан“, рече албанскиот премиер Еди. Рама.
Никој не може да каже колку ќе траат преговорите. И двете земји се веројатно со години од влезот во ЕУ.