Директорката на Козле се налути: Забрани нејзиното име и презиме да се споменува во медиумите!

Директорката на Козле, Каролина Симоновска преку соопштение во јавноста бара нејзиното име веќе да не се споменува во медиумите.

„Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, под целосна материјална, професионална и морална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, се вели во писмената изјава.

На ова реагираа и од Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ каде велат дека оваа забрана претставува јавен притисок насочен кон медиумите.

„Ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите. Ги потсетуваме сите носители на јавни функции дека, доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант. Исто така, на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини. Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“, велат од ЗНМ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното