Колку повеќе се доближува формирањето Техничка влада и предвремените парламентарни избори на 12 април 2020, толку повеќе политичките партии ги соопштуваат ставовите за предизборни коалиции. ДПА на изборите на 12 април ќе се обиде политички да ја уништи Беса, ДУИ и другите помали партии, а ќе коалицира со СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ , лидерот на ДПА, Мдендух Тачи изрази резерва, бидејќи како што рече, ним им се случува внатрешна катарза.
„Тоа што го нарекувате албански блок, тоа е анти албански блок. Сите овие помали партии или формации, почнувајќи од Беса, тие само и штетат на политиката. Ќе работиме да ги уништиме политички. Другиот предизвик се знае, тоа е ДУИ. Тоа што го деблокиравме интегративниот процес, покажува подготвеност да преговараме со СДСМ. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ мислам дека имаат голем проблем со внатрешна катарза“, рече Тачи.
За разлика од Тачи, коалиција со Беса и АА планира Алтернатива. Лидерот на оваа партија, Африм Гаши за Слободна ТВ изјавил дека коалицијата се очекува да се објави кон средината на јануари 2020.
„Се обидуваме да одиме во коалиција. Сега преговараме со албанските партии. Блиску сме до договор. Ќе видиме до почеток на јануари. Можеби и кон средината ќе објавиме. Се уште траат разговорите“, изјави Гаши.
Од друга страна потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири изјави дека неговата партија е против коалиција со ДУИ, но како што вели, граѓаните го имаат последниот збор. Во интервју за Косова Прес, Зекири за ДУИ вели дека е канцер за Албанците.
Претходно лидерот на СДСМ, Заев не изјави прецизно со која партија ќе коалицира а со која не. Тој соопшти дека коалициите ќе се знаат во текот на февруари. ДУИ изјави дека изборните програми ќе ја дефинираат коалицијата. Слично изјави и ВМРО-ДПМНЕ, додека АА изјави дека веќе почнале преговорите со Беса и Алтернатива.