Државниот врв нема да се појави на Анкетната комисија за трагедијата во Кочани

Утре точно на пладне во Собранието треба да започне седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, посветена на трагедијата во кочанската дискотека. Иако претседателот на комисијата, Димитар Апасиев од Левица, испрати покани до највисокиот државен врв и семејствата на жртвите, извесно е дека фотелјите резервирани за клучните носители на власта ќе останат празни.

Според потврдените информации за ТВ 24, ниту премиерот, ниту министерот за внатрешни работи нема да се појават на „сослушувањето“, додека шефот на државата сè уште тактизира.

Власта со оправдувања: Службени патувања и игнорирање

Премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на седницата, потврдија од ВМРО-ДПМНЕ, без да наведат детални причини.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, исто така го откажа своето присуство. Од МВР испратија официјално објаснување:

„Министерот Панче Тошковски ќе биде спречен да присуствува поради службено патување во Брисел, кое му е договорено многу порано, уште пред да биде познат терминот за анкетната комисија.“

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова засега немаат конечен став, оставајќи неизвесност дали таа ќе се одважи да се појави пред пратениците.

Левица: „Бегањето е навреда за семејствата“

Партијата Левица, која претседава со ова тело, упати остар апел до власта да не го саботира процесот.

„Апелираме утре да не се повтори уште еден институционален срам. Седницата мора да се одржи без одлагање, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат тоа што државата со месеци одбива да го слушне. Секое бегање на власта е уште една навреда за семејствата, но и чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедиите“, реагираат од партијата на Апасиев.

Семејствата растргнати меѓу болката и бирократијата

Покрај политичарите, прашалник виси и над присуството на семејствата на жртвите. Консултациите покажуваат дека голем дел од нив нема да можат да присуствуваат поради работни обврски, но и поради близината на датумот со судските рочишта.

Нивните адвокати посочуваат дека фокусот на семејствата моментално е насочен кон Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) и самата судска разврска, бидејќи битката ја водат на повеќе фронтови истовремено.

Парламентарна „гужва“: Буџет или Анкетна?

Утрешниот ден во Собранието ќе биде комплициран и за самите пратеници, бидејќи во истиот термин тече и расправата за Буџетот.

  • СДСМ и опозицијата го најавија своето присуство на комисијата.
  • ВМРО-ДПМНЕ утре на координација ќе одлучи дали нивните пратеници ќе учествуваат во работата на телото со кое претседава Левица.

Во меѓувреме, парламентарното мнозинство подготвува формирање на нова, сеопфатна Анкетна комисија. Ова тело, кое ќе го води опозицијата, нема да се фокусира само на Кочани, туку ќе ги опфати и трагедиите во модуларната болница во Тетово, „Ласкарци“ и „Беса Транс“.