По страшната трагедија во Кочани, во која загинаа 59 лица, а речиси 200 беа повредени, политичките реакции за текот на истрагата стануваат сè погласни. И ДУИ и СДСМ бараат итна и транспарентна истрага која нема да остане во рамките на политички калкулации и селективна одговорност.
Пратеничката група на Европски фронт, предводена од ДУИ, денеска испрати формално писмо до четири тела на Советот на Европа, барајќи итна експертска проценка за селективна правда и политички влијанија врз истрагата.
Адресирани се:
- Комесарот за човекови права Мајкл О’Флахерти,
- Претседателката на Венецијанската комисија Клер Бази,
- Извршната секретарка на ГРЕКО, Ливија Стоика Бехт,
- Претседателот на ПС на Советот на Европа, Теодорос Русопулос.
Во писмото, пратениците изразуваат загриженост за политички мотивирана истрага, која, како што тврдат, таргетира само поранешни функционери, додека актуелните – кои, според нив, имале директна надлежност пред трагедијата – се оставени надвор од одговорност.
ДУИ бара:
- Испраќање на независна експертска мисија за проценка на истрагата,
- Дебата во Парламентарното собрание на Советот на Европа,
- Мислење од Венецијанската комисија за влијание врз обвинителството,
- Ангажман на ГРЕКО за политичко влијание врз обвинителски одлуки.
„Правдата мора да биде еднаква за сите и не смее да зависи од политичка припадност,“ се наведува во писмото.
Од друга страна, и СДСМ ја обвинува истрагата за селективност, посочувајќи дека досега нема информации зошто никој од актуелните функционери кои биле на должност за време на трагедијата не е опфатен.
„Молкот на институциите е загрижувачки,“ се вели во соопштението од СДСМ, од каде бараат конкретни одговори:
- Кој е одговорен за пожарот?
- Кој затаил во институциите како МВР, БЈБ, ДПИ и УЈП?
- Кога ќе се прошири истрагата и на актуелни носители на функции?