Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу албанските партии за „Балансерот“. Од ДУИ велат дека одлуката на Уставниот суд да започне постапка за оценување на уставноста на одредбите кои се однесуваат на „етничката припадност“ во контекст на вработување во јавниот сектор, односно укинување на „Балансерот“, е само почеток на колапсот на меѓуетничките односи изградени со големи тешкотии.
„Прашањето за укинување на „Балансерот“ ќе отвори многу нови проблеми во наредниот период кои можат и ќе доведат до рушење на основните на Охридскиот договор. А и сами да формираат Влада, без Албанците ВМРО, ЗНАМ и Стоилковиќ немаше да го постигнат ова. Жалосно е затоа што пропаѓањето на Охридскиот договор се случува додека во Владата е и коалицијата која изгуби на изборите во албанскиот блок, ВРЕДИ, кои се заслепени од неколку владини функции.“, велат од ДУИ.
Возвратија од владејачката албанска коалиција ВРЕДИ. Велат дека „ДУИ од страв се удира со свој камен по своја глава“. Според нивната писмена реакција, нема поголема манипулација од тоа кога ДУИ ја обвинува ВРЕДИ за одлуките на Уставниот суд, чиј состав е избран со предлог и согласност на Али Ахмети.
-Директен виновник за актуелната состојба со Балансерот се Артан Груби, Талат Џафери и Али Ахмети. Одлуката на овој состав на Уставен Суд оди на совеста на ова криминализирано раководство на ДУИ, кое во обид да се спаси од кривичен прогон за коруптивните зделки на поранешните функционери, очајно се обидува да предизвика меѓуетнички тензии лажно преставувајќи се како наводен спасител на Албанците-соопштија од ВРЕДИ.
Од ДУИ упатија прашање до ВРЕДИ „дали следниот чекор е да се прогласи за „неуставно“ изразувањето на етничката припадност на кандидатите за пратеници?“, бидејќи според одлуката на Уставниот суд „Изразувањето на етничка припадност ја нарушува слободата на граѓаните“. Во меѓувреме, од ВРЕДИ велат дека тие се гаранцијата дека, како што ја нарекуваат, срамната одлука на Уставниот суд нема да ги запре вработувањата на Албанците во јавната администрација, бидејќи се работи за уставно загарантиран статус кој потекнува од Охридскиот договор. .

