Двајца кандидати во трка за прв човек на Регулаторната комисија за енергетика

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ги разгледува двете пристигнати пријави по јавниот оглас за избор на претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Според информациите, на огласот се пријавиле Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш, како и Шамил Реџепи, кој е вработен во Регулаторната комисија за енергетика.

Јавниот оглас беше распишан по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски, кој ќе продолжи да ја извршува функцијата сè до изборот на негов наследник.

Согласно Законот за енергетика на Северна Македонија, по разгледувањето на пријавите, комисијата треба да предложи кандидат до Собранието на Северна Македонија, кое ќе го донесе конечниот избор.

Изборот на новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика се очекува да биде ставен на дневен ред на пленарната седница на Собранието закажана за в среда.