Египет се обидува да го спречи егзодусот на Палестинците од опколената Газа

Египет се обидува да спречи масовен егзодус од Појасот Газа на неговиот Синајски Полуостров, бидејќи израелските бомбардирања ги запреа премините на главната излезна точка од палестинската енклава во вторникот, изјавија официјални лица од Газа и египетски безбедносни извори, според Ројтерс.

Нападот на Израел врз Газа предизвика тревога во Египет, кој го повика Израел да обезбеди безбеден премин за цивилите од енклавата наместо да ги охрабрува да избегаат југозападно кон Синај, изјавија за Ројтерс два египетски безбедносни извори.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси во вторникот изјави дека ескалацијата во Газа е „многу опасна“ и дека Египет бара решение за насилството преку преговори со регионални и меѓународни партнери.

Сиси рече дека Египет нема да дозволи проблемот да се реши на сметка на други, според државната новинска агенција МЕНА, очигледно мислејќи на ризикот Палестинците да бидат турнати во Синај.

Граничниот премин Рафах остана затворен во средата наутро, откако египетските воени авиони летаа во близина во текот на ноќта, соопштија безбедносни извори. Армијата, исто така, зазеде нови позиции во близина на границата, водејќи патроли за надгледување на областа, рече Ахмед Салем од Синајската фондација за човекови права.

Рафа е единствениот можен премин кон Синај за 2,3 милиони жители на Газа. Остатокот од густо населениот појас е опкружен со море и Израел, кој најави целосна опсада на Газа.

Преминот на луѓе и стоки во и од Газа е строго контролиран под блокадата што ја спроведуваат Египет и Израел.

Во вторникот, израелската војска ја ревидираше препораката на еден од нејзините портпароли, Палестинците кои бегаат од воздушните напади во Газа да се упатат кон Египет.

Израел ги изврши најжестоките напади врз Газа во 75-годишната историја на неговиот конфликт со Палестинците откако Хамас во саботата изврши смртоносен упад во Израел.

Улогата на медијацијата

Египет, првата арапска земја што склучи мир со Израел, посредуваше меѓу израелските и палестинските фракции за време на претходните конфликти во Газа и вршеше притисок да спречи понатамошна ескалација во сегашните борби.

Министерството за внатрешни работи на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека бомбардирањето во понеделникот и вторникот ја погодило влезната порта на палестинската страна на преминот Рафах. Преминот беше затворен и од египетската страна, а Палестинците кои планираа да патуваат во Газа се повлекоа во главниот град на северниот дел на Синај, Ал Ариш, соопштија египетски извори.

Во понеделникот, околу 800 луѓе ја напуштија Газа преку преминот Рафах, а околу 500 луѓе влегоа, иако тој премин беше затворен за движење на стоки, соопшти Канцеларијата за хуманитарна помош на Обединетите нации.

Гувернерот на Северен Синај во понеделникот се сретна со локалните власти за да испланира сè за кризата предизвикана од настаните во Газа, соопшти неговиот кабинет, а во Синај се мобилизирани возила на брза помош за можна евакуација од Газа. Засега нема знаци за масовни собири на Палестинци на преминот Рафах.

Во 2008 година, десетици илјади Палестинци преминаа на Синај откако Хамас отвори дупки во граничниот ѕид.