Електронските документи законски валидни, но институциите сè уште ги одбиваат

И покрај тоа што со Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги се овозможува секој електронски документ издаден од државен орган да биде еднакво валиден во неговата печатена форма како и оригиналниот, дел од институциите сè уште ги одбиваат овие документи, создавајќи проблеми за граѓаните.

Според Министерството за дигитална трансформација (МДТ), новиот закон треба да ја елиминира потребата од хартиени документи, што во минатото значеше двострано плаќање за ист документ.

Институциите не го применуваат законот – како да реагираат граѓаните?

Од МДТ велат дека е изработено упатство за правилна примена на законот, во кое е јасно наведено дека секоја институција е законски обврзана да прифати испечатен електронски документ.

„Ако граѓаните наидат на неприфаќање на нивниот документ од страна на некоја институција, апелираме да се повикаат на законот, бидејќи тој ги обврзува институциите да го прифатат документот како валиден,“ велат од МДТ.

Иако нема детални анализи за степенот на примена на законот, од Министерството посочуваат дека услугите на националниот портал uslugi.gov.mk бележат постојан раст, а реакциите од граѓаните и бизнисите се позитивни.

Очекуван отпор од институциите

Министерот за дигитална трансформација Андоновски веќе најави дека може да има отпор или незнаење кај дел од институциите, па затоа беше подготвено упатство со јасни правни основи за валидноста на испечатените електронски документи.

Граѓаните кои се соочуваат со неприфаќање на нивните електронски документи се повикани директно да се повикаат на законот, бидејќи институциите немаат законска основа да ги одбијат.

Останува да се види колку брзо администрацијата ќе ги приспособи своите процедури за целосна дигитализација и намалување на непотребната бирократија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното