„Од мое лично име и од името на сите претставници овде, на нашите најблиски да им ги честитаме новогодишните и божиќните празници“, рече Ацо Цветков – команда за обука и асистенција
„Сакам да ви ги честитам новогодишните и божиќните празници. На сите да ви донесат неизмерна радост, спокој и просперитет, опкружени со вашите најблиски“, додаде Мајор Атила Агор – мисија на Обединетите Нации во Либан
Со солзи во очите, семејствата на мировниците, преку видео-конференциска врска ги примија новогодишните честитки од своите најблиски, испратени во мисиите во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан. Генерал мајор Ѓурчиновски им одаде јавно признание.
„Продолжете и мотивирано да ги претставувате интересите на нашата земја и бидете горди дека овој историски момент кога Македонија е на прагот на влезот во НАТО, вие ја имате оваа улога да бидете со нашите партнери од алијансата. Среќна нова година од целата армија и министерството и од сите вработени“, изјави Генерал Мајор Васко Ѓурчиновски – АРМ.
„Многу конкретно гледаме колку ризикуваат и од колку се откажуваат вашите најблиски. Затоа решивме оваа година да се обидеме малку да го надоместиме нивното отсуство и да бидеме заедно и убедена сум дека ова ќе биде убава и важна транзиција. Дополнително, Центрите за транзиција, ќе ги направиме да бидат центри за прва поддршка на сите семејства“, изјави Радмила Шекеринска – Министер за одбрана на РМ.
За децата на мировниците имаше мало новогодишно изненадување.
Инаку, началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски пред претседателот и врховен командант на армијата, Ѓорге Иванов реферираше за состојбата со борбената готовност на АРМ во текот на годината. Со образложение дека се работи за класифицирани информации, средбата беше затворена за медиумите.
РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА
