Ескобар утре во Скопје, на средба со Ковачевски, Пендаровски и Мицкоски за внесувањето на Бугарите во Уставот

Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар утре доаѓа во посета на Северна Македонија. Ескобар ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски,премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За лидерот на опозицијата ова е само обична средба.

 

Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен соговорник е добредојден. Тоа што сега власта се обидува посетата на на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници, рече Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Велес.

 

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за внесување на Бугарите во Уставот како услов за Северна Македонија да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

 

Владата пак започнува кампања под наслов „Ние сме Европа“ за која ќе бидат потрошени 80 илјади евра, а целта е граѓаните да бидат информирани за придобивките од членството во ЕУ.

 

„Владата ќе организира серија настани во осум града во државата. Кампањата ќе се вика ‘Ние сме Европа’. Ќе се реализира во Скопје, Струмица, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните“, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ.

 

Официјалниот старт на активностите ќе биде на 30 август и ќе трае до крајот на септември. Првиот во серијата настани ќе се одржи во Скопје на 30 август и ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски.

 

Инаку, пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август.  Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

 

За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното