Земјите-членки на ЕУ го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија, кој вклучува, меѓу другото, забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG) на европскиот пазар од 1 јануари 2027 година, една година порано од првично планираното, објави вечерва данското претседателство.
Договорот е постигнат откако последната земја-членка, Словачка, даде согласност. Сега е започната писмена постапка за формална одлука, и доколку нема приговори до 8 часот наутро утре, 19-тиот пакет ќе биде официјално усвоен.
Забраната за увоз на руски течен природен гас ќе се спроведува во две фази. Краткорочните договори ќе завршат за шест месеци, а долгорочните договори од 1 јануари 2027 година.
Санкции за руски бродови
Новиот, 19-ти пакет вклучува санкции за уште 118 руски бродови од таканаречената флота во сенка, со што бројот на санкционирани бродови се искачи на над 560.
За прв пат се воведуваат рестриктивни мерки против крипто платформите и забрана за трансакции со криптовалути. Странските банки поврзани со руските алтернативни системи за плаќање се исто така погодени од санкциите.
Договорот беше постигнат пред почетокот на есенскиот самит на лидерите на земјите-членки, кои ќе се состанат во четврток наутро.