ЕУ разгледува локации со критични минерали на албанската страна од Охридското езеро

Европската тренинг фондација – институција поврзана со ЕУ – објави анализа која покажува дека Албанија располага со сериозни рударски потенцијали во т.н. критични минерални суровини. Според документот, државата има рударски зони богати со метали што Европа ги смета за клучни за индустриската и енергетската транзиција.

Како прв пример се наведува кобалтот во Поградец – материјал од особено значење за напредните литиумски батерии користени во електрични возила и смартфони. Понатаму, студијата ги истакнува и резервите на бакар во регионите Лежа и Кукс – метал клучен за енергетиката, градежништвото и модерната инфраструктура.


Според пишувањата на албанскиот медиум „Монитор“, од стратешките минерални суровини Албанија изобилува и со никел во Кукс, Девол, селото Червеник крај Охридското Езеро, Прењас и Либражд како наоѓалишта од класа Ц и наоѓалиште од класа Б во Девол.

Според Директивите на ЕУ за критични суровини од 2024 година, се очекува вкупната побарувачка за критични суровини да се зголеми шесткратно до 2030 година и седумкратно до 2050 година. За некои материјали, проекциите се уште повисоки – на пример, се очекува побарувачката за литиумски батерии во ЕУ да се зголеми 12 пати до 2030 година и 21 пати до 2050 година. Овие суровини играат важна улога во зелената и дигиталната транзиција, како и во одбранбениот и воздухопловниот сектор на ЕУ.

Следејќи ги чекорите на Европската Унија, Македонија се очекува засилено да трага по критични минерални суровини по усвојувањето на новите закони за рударство и геологија. Универзитетскиот професор по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Телма ТВ, неодамна истакна дека отворањето на рудници е политика и на Европската Унија и тие можат да и овозможат економска стабилност на Македонија.

– Излезе новиот документ на ЕУ, во кој експлицитно се кажува дека Европа мора да влезе во нови инвестиции, во нови истражувања, во отворање на нови рудници и одредени високоразвиени европски држави, членки на ЕУ; кон тоа многу сериозно приоѓаат. Еве само за пример, се отвора рудник на Халкидики, во Грција, се отвораат рудници и во Франција во заштитени подрачја, така што развојот на одредени технологии кон коишто сите ние се движиме не може да оди напред ако немаме минерални ресурси коишто тоа ќе го следат, вели Лепиткова.

Според неа, новите рудници можат да и обезбедат економска стабилност и развој на Македонија и ако се земе бакарот како најважен критичен минерал, којшто е важен за енергетиката во сите сфери на пренос на енергија, тој има висока цена и може да овозможи голем потенцијал. 

– Европа веќе ги донесе директивите за критични минерали и Европа го стави бакарот во критичните минерали. Ако пред две-три години бакарот не беше во критичните минерали, сега Европската Унија го стави и во таа Директива кажува дека сите документи за рудници треба да се обезбедуваат во позабрзана процедура, да не се чека толку многу долго и тие кажуваат дека бакарот не е така штетен минерал и елемент како што пред тоа се мислело, потенцира професорката.

Лепиткова додава дека мора да се следат научните достигнувања. Во Македонија 40 години се нема отворено нов рудник, освен Боров дел, како продолжение на серијата на рудникот Бучим за ископ на бакар. Во моментов единствена сериозна инвестиција во рудник за бакар е во Иловица. Во Стратегијата за минерални суровини на МАНУ се нагласува дека Македонија поседува значително количество на овој критичен минерал. 

Инаку, поради „монополот“ на пазарот кој го има Кина за клучните минерални суровини, Европската Унија веќе распиша втор конкурс за финансиска поддршка за рудници на европско тло кој трае до 15-ти јануари. Брисел финансира испоп и преработка на литиум, бакар, кобалт, никел и други минерали без кои не е можна зелената транзиција. Поконкретно – изградбата на ветерници, соларни панели, електрични возила и друго. Бакарот беше клучен минерал и во т.н. трговска војна помеѓу САД и Кина, па оттаму цената за овој минерал изминативе недели достигна рекорди, а прогнозите се дека и во иднина ќе расте поради големата побарувачка и се помалата експлоатација.