Највисокиот суд на Европската Унија, Европскиот суд на правдата (ЕСП), пресуди дека безалкохолниот пијалак не може да се продава како џин бидејќи тоа име е резервирано за специфичен алкохолен пијалак.
Судот во Луксембург соопшти дека ја донел одлуката по барање на германски суд, кој побарал од ЕСП да разјасни дали името „безалкохолен џин“ е спротивно на правото на Европската Унија.
Претходно, едно германско здружение побара од судот во Потсдам да ја забрани продажбата на пијалакот „Девствен џин без алкохол“, оценувајќи дека името ја прекршува директивата на ЕУ за дефиниција, опис, рекламирање и етикетирање на жестоки пијалоци, бидејќи џинот е исклучиво пијалак произведен од земјоделски етил алкохол со вкус на бобинки од смрека.
Судот во Потсдам го прифати барањето на здружението, но сепак се обрати до ЕСП за совет, во дилемата дали неговата одлука ги прекршува претприемачките слободи.
ЕСП пресуди дека „законот на ЕУ јасно забранува пијалок, како што е предметниот, да се нарекува и продава под етикетата „безалкохолен џин“, бидејќи не содржи алкохол“ и дека „затоа е бесмислено да се додава зборот безалкохолен на законски дефинираното име џин“.
„Нема ништо во Повелбата за основните права на ЕУ, која исто така ги гарантира претприемачките права, што би ја побило оваа забрана“, пресуди ЕСП.
Судот додаде дека „забраната не ја спречува продажбата на одреден производ, туку само неговата продажба под име резервирано со закон за одреден вид алкохолен пијалок“.
Во исто време, се наведува во соопштението, забраната е оправдана бидејќи нејзината цел е да се спречи забуна кај потрошувачите во врска со составот на одредени производи и да се заштитат производителите кои ги исполнуваат барањата на европското право од нелојална конкуренција.