Дипломатската конфронтација на Володимир Зеленски со Доналд Трамп во Белата куќа ги шокираше Украина и Европа, што ги доведе европските лидери на вонреден самит во Лондон. По ненадејното заминување на украинскиот претседател од Вашингтон, под заканите на Трамп дека ќе ја прекине американската помош, се чини дека ЕУ е подготвена да ја редефинира својата улога во конфликтот.
Макрон рече дека е подготвен да „отпочне дискусии“ за можноста Европа да се здобие со нуклеарни средства за одвраќање во иднина, по барањето на идниот германски канцелар Фридрих Мерц.
Околу 15 лидери на украинските сојузници денеска ќе се сретнат во Лондон на клучен самит на кој ќе разговараат за новите безбедносни гаранции на Европа наспроти стравувањата од американско раздружување.
На самитот, меѓу другите, ќе присуствуваат францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, канадскиот премиер Џастин Трудо, полскиот претседател Доналд Туск, италијанскиот премиер Џорџија Мелони, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста.
На седницата ќе се разгледуваат:
- Одржување и зајакнување на воената помош за Украина
- Вршење поголем економски притисок врз Русија
- Можноста за создавање независна европска одбранбена доктрина
Според Даунинг стрит, денешната средба ќе се фокусира на „зајакнување на позицијата на Украина денес, вклучително и континуирана воена поддршка (на земјата) и примена на зголемен економски притисок врз Русија“. Учесниците, исто така, ќе разговараат за „потребата Европа да ја преземе својата улога во одбранбениот сектор“, соочени со ризикот од укинување на американската војска и нуклеарниот чадор.
Украинскиот претседател вчера во Лондон имаше топол разговор со британскиот премиер Кир Стармер, кој го увери во „апсолутната решеност“ на Британија да го поддржи Киев против руската инвазија. Лондон и Киев потоа потпишаа договор за заем од 2,26 милијарди фунти (околу 2,74 милијарди евра) за поддршка на одбранбените капацитети на Украина, кои ќе бидат вратени преку профитот од замрзнатите руски средства.
Украинскиот претседател, како што јави АНА, повикувајќи се на АФП, денеска треба да се сретне со кралот Чарлс, а потоа да учествува на самитот за безбедност што треба да започне во 14 часот (по локално време, 15 часот по македонско време). Се потсетува и дека на 6 март е закажан вонреден европски самит за Украина.