Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешен директор на владината служба за општи работи

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, осомничен за серија кривични дела, меѓу кои примање поткуп, фалсификување службени исправи, проневера во службата и несовесно работење. Покрај него, пријавен е и сопственик на приватна компанија од Скопје, осомничен за давање поткуп.

Според истрагата, првопријавениот, во периодот од јуни 2021 до јуни 2024 година, склучил пет договори за јавни набавки со фирмата на второпријавениот, без да го пријави судирот на интереси. Притоа, тој стекнал лична материјална корист, а корист имал и член на неговото семејство.

Исто така, според наодите, поранешниот директор потпишувал лажни изјави за непостоење судир на интереси, со што се сомничи за фалсификување службени исправи. Дополнително, во периодот од 2022 до 2024 година, злоупотребувајќи ја функцијата, лажно прикажувал службени патувања и со тоа овозможил лично за себе и за други лица да се исплаќаат средства за хотелски сместувања, авионски билети и рента-кар услуги. На овој начин, буџетот бил оштетен за речиси 1,8 милиони денари.

Обвинението го товари и за несовесно работење во службата, откако, и покрај тоа што бил запознаен со фактот дека пилот во авиослужбата на институцијата не ги исполнувал условите за капетан, дозволил тој да прима плата за таа позиција. Со тоа, на овој вработен му биле исплатени 3,4 милиони денари, на штета на државниот буџет.

Финансиската полиција соопшти дека собраните докази ќе бидат основа за натамошна правна постапка пред надлежните институции.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното