Додека медиумите чекаат официјално соопштение од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, дел од медумите веќе објавија детали од вчерашната акција кај Раде Трајковски познат како Штекли.
Што било пронајдено кај Штекли?
Пронајдени се и одземени 325.000 денари и 3.995 евра, четири ПМВ, 12 мобилни телефони, еден пиштол марка Зораки 9 мм и 22 куршуми , семки од НН растение, НН растителна материја со зелена боја, пет дигитални ваги, неутврдена количина на бела прашкаста материја, пластична мешалка, метална лажичка за дозирање, фолија за пакување, две дробилки, еден видео рекордер, едно УСБ и др., од кои дел ќе бидат предмет на вештачење.
СУЗБИЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА
На 18/19.01.2025 година, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќе месечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена 14 (четиринаесет члена) организирана криминална група составена од лица од Скопје.
Криминалната група подолг временски период беше инволвирана во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога. Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група преку нејзините припадници вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците.
При реализацијата, постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија на претходна постапка, извршени се претреси кај 16 лица, на вкупно 21 локации на подрачјето на Скопје и Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се поголем број разни предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење.
Меѓу пронајдените и одземени предмети се и повеќе поголеми и помали пакувања со непозната прашкаста материја за што исто така ќе се вршат дополнителни вештачења за видот и количината на истата. Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против четиринаесет лица до надлежното Јавно Обвинителство, а истите ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка.
Имајќи во предвид дека оперативно тактичките активности се уште траат во координација со надлежниот Јавен Обвинител, јавноста дополнително ќе биде известена со повеќе информации.
Кој е Раде Трајковски Штекли
Тој неофицијално се поврзуваше со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, по што за него беше распишана и меѓународна потерница.
Беше екстрадиран по апсење во Србија во 2021 година и одлежа шест-месечна затворска казна во затворот Скопје, познат како Шутка, за друго дело.
По првичните сомнежи, во истрагата за убиството на Јанушев, не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.