Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола денеска осамна вандализирано. Фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетен инвентар, скршени прозорци и уништена електронска табла – единствена од ваков тип во градот и една од само три во цела држава.
Од училиштето велат дека со месеци барале од Општината да постави заштитни решетки на прозорците, предупредувајќи дека ваков инцидент може да се случи. Но, и покрај повторените апели, институциите не реагирале навреме.
„Таблата не беше набавена со буџетски средства, туку беше добиена како награда за личен труд и посветеност. И сега – ја нема“, пишува во статусот на социјалните мрежи.
Покрај вандализмот, состојбата во училиштето е алармантна:
- кровот е оштетен и небезбеден;
- две училници се затворени од санитарна инспекција поради мувла и влага;
- родител донирал материјал за реновирање, но веќе три месеци се чека мајстор од Општината;
- тоалетите се во катастрофална состојба;
- училишниот мебел е дотраен и стар повеќе децении.
Наставниот кадар апелира институциите конечно да ја насочат енергијата кон решавање на реалните проблеми во училиштето, наместо – како што велат – да се водат борби за директорски позиции.