Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука. Во своето обраќање, вториот човек на државата стави акцент на државотворниот статус на Албанците и на уставната позиција на албанскиот јазик, оценувајќи го како клучен елемент за општествената кохезија.
Честитајќи го празникот во свое лично име и во име на законодавниот дом, Гаши го оцени овој датум како еден од пресвртните моменти во историјата, кога преку унифицирањето на писмото, на албанскиот народ му била дадена „сила на единство и идентитет“.
„Албанците се државотворен народ“
Во својата порака, Гаши ја истакна политичката и уставната тежина на албанската заедница во Северна Македонија.
„Како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, каде Албанците се државотворен народ и каде јазикот претставува уставно загарантирана вредност, албанскиот јазик го сметам за незаменлив елемент на нашата општествена кохезијa,“ нагласи Гаши.
Оваа изјава доаѓа како потврда на заложбата за зачувување на мултиетничкиот карактер на највисокиот законодавен дом.
Заложба за институционална еднаквост
Претседателот на Собранието беше дециден во својот став околу употребата и третманот на јазикот во институциите на системот.
„Мојата заложба останува јасна, дека албанскиот јазик треба да се третира со достоинство, еднаквост и почит на секое институционално ниво,“ порача тој.
За Гаши, овој празник има и длабока лична димензија. Тој истакна дека денот за него претставува гордост, опишувајќи ја азбуката како наследство што ги отелотворува корените и аспирациите на Албанците, каде и да се наоѓаат.