Германските социјалдемократи бараат забрана за социјалните мрежи за деца

Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) денеска предложи забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 14 години.

„Социјалните мрежи би биле целосно забранети за лицата под 14 години, а за возраст од 14 до 16 години бараме користење верзија без системи за наградување и без препораки базирани на алгоритми“, стои во документ на пратеничката група на СПД, пренесуваат медиумите.

„Повеќе не можеме да го игнорираме тоа“

Во верзиите за млади од 14 до 16 години би било забрането и автоматското прикажување содржини. Пристапот за лица постари од 16 години би бил можен само со дозвола од родител или старател.

„Повеќе не можеме да го игнорираме фактот дека ни се неопходни ограничувања кога станува збор за социјалните мрежи“, изјави претседателот на СПД и вицеканцелар Ларс Клингбајл.

Тој додаде дека „највисок приоритет“ е заштитата на младите од штетни содржини на интернет.

„Потребни ни се подобри механизми“

Поголемиот коалициски партнер на СПД, демохристијанската Унија ЦДУ/ЦСУ, ги отфрли паушалните забрани и ограничувања, но исто така бара одредено ниво на регулација на пристапот за малолетници.

„Потребни ни се подобри механизми за спречување зависност“, изјави заменик-претседателката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Ања Вајсгербер.

Здружението на наставниот кадар смета дека забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 14 години „не е спроведлива ниту педагошки оправдана“.

Германската влада засега не сака да се изјасни за можни забрани и упати на нарачаната студија со наслов „Заштита на децата и младите во дигиталниот свет“, која треба да биде претставена во наредните месеци.