Германските војници го напуштија Гренланд по помалку од 48 часа

Германскиот извидувачки тим на Бундесверот го напушти Гренланд по помалку од два дена престој. За повлекувањето информираа „Билд“ и „Шпигел“, а веста ја потврди и портпарол на германското министерство за одбрана за агенцијата DPA. Според „Билд“, кој прв ја објави информацијата, војниците за ненадејното заминување биле известени дури утрово.

„Дури вчера не беше јасно колку долго ќе останат“, изјави Мориц Милер, еден од новинарите што го следат случајот.

Според „Билд“, вкупно 15 германски војници под командата на флотниот адмирал Стефан Полји во неделата попладне по германско време биле видени на аеродромот во Нуук, каде се качиле на редовниот лет на „Исландаир“ кон Кефлавик на Исланд. Наредбата за враќање стигнала рано наутро од Берлин. Полетувањето било закажано во 14 часот по германско време, но авионот тргнал подоцна поради потреба од одледување.

Според весникот, уште во саботата се споменувало дека германските војници би можеле да останат подолго од планираното, но тоа не се случило, без дополнително известување или официјална најава.

Германското министерство за одбрана потврди дека првично бил планиран лет кон данската воена база Кангилингит, каде требало да се спроведе извидувачка активност, но летот бил откажан поради лошите временски услови. Потоа била донесена одлука тимот да се врати.

Од Министерството претходно појаснија дека не сакаат да навлегуваат во детали околу терминот на заминување поради можни промени на терен. Додатна нејаснотија предизвика и фактот што германските војници на Гренланд пристигнале ден подоцна од планираното. Наместо директно да летаат со воен авион Airbus A400M и да останат таму од 15 до 17 јануари, патувањето било спроведено преку Данска, а на Гренланд пристигнале дури на 16 јануари со дански авион.

Петнаесет припадници на копнената војска, воздухопловството и морнарицата пристигнале на Гренланд во петок во рамки на извидувачка мисија на НАТО сојузниците, по покана на Данска. Целта била учество во воена вежба и проценка на можностите за идни вежби и евентуално стационирање на сили.

Мисијата започнала откако во средата пропаднал состанокот на министрите за надворешни работи на Данска, Гренланд и САД во Вашингтон.

Од германското министерство наведуваат дека престојот првично требало да биде продолжен за да се реализира дополнителна извидувачка активност во недела, 18 јануари, но таа била откажана поради временските услови, па враќањето било организирано уште во неделата попладне.