Голем пожар во Хонг Конг: илјадници евакуирани, седум од осум згради во пламен

Стамбениот комплекс Wang Fuk Court денес попладне беше зафатен од масивен пожар кој за само неколку минути се прошири низ висококатниците, предизвикувајќи паника и масовна евакуација. Пламените јазици се искачуваа по фасадите прекриени со бамбусови скелиња, што дополнително го забрза ширењето на огнот.

Сведоштво на жител: „Само размислувам каде ќе спијам вечерва“

66-годишниот станар Хери Чеунг, кој повеќе од четири децении живее во комплексот, раскажува дека околу 14:51 часот по локално време слушнал „многу гласен звук“, а потоа забележал пламен во соседната зграда.

„Веднаш се вратив да ги соберам работите“, вели тој. „Во моментов ни сам не знам како се чувствувам. Само размислувам каде ќе спијам вечерва, бидејќи најверојатно нема да можам да се вратам дома.“

Како почна пожарот?

Пожарот избил во една од зградите на Wang Fuk Court – дел од огромен стамбен комплекс со осум небодери од по 31 кат, во кој живеат околу 4.600 жители. Зградите, изградени во 1983 година, биле во фаза на реновирање и целосно обвиени со бамбусова скела, традиционално користена при градежни работи во Хонг Конг. Таа се покажа како идеален проводник за огнот, кој нагло се издигал нагоре по објектите.

Експлозии, чад и паника на терен

Сцените од Тај По се драматични: неколку блокови и понатаму горат, а густ чад се надвиснува над населбата. Публика и локални жители се собраа зад полициските бариери, гледајќи како пламенот од стан до стан ја осветлува ноќта со портокалово-жолти одблесоци.
Шокирани очевидци пренесуваат за „периодични силни експлозии“, додека парчиња стопен материјал и остатоци од скелата паѓаат од висина од 10 до 20 ката, создавајќи опасна дождовна завеса од искри.

Илјадници евакуирани – пожарникарите не можат да влезат

Според локалните власти, над 1.000 жители се евакуирани, а неколку спортски сали, училишта и трговски центри се претворени во привремени засолништа.
Општински претставници објаснуваат дека пожарникарите не можат безбедно да влезат во зградите за спасувачки операции, што го отежнува пребарувањето на евентуални заглавени лица.

Гори седум од осум блокови

Пожарот брзо добил катастрофални размери. Само неколку часа по првата пријава, алармниот степен бил зголемен од 3 на максималната 5-та категорија. До вечерните часови, пламенот бил неконтролиран во седум од осумте небодери.
Во акцијата учествуваат над 760 пожарникари, десетици возила и повеќе водени линии, но гаснењето е отежнато поради силниот ветер и горливите скели.

Урбана ранливост

Wang Fuk Court е дел од владин субвенциониран програм за домување и симбол на хроничниот проблем со висока густина и скапи недвижности во Хонг Конг. Во околината на Тај По живеат околу 300.000 жители, а сопствен дом е луксуз што многумина не можат да си го дозволат.

По трагедиите од претходните години, властите најавија постепено укинување на бамбусовите скели. Денесниот пожар, пак, отвора нови прашања за безбедноста, урбаното планирање и одговорноста на изведувачите во мегаградот кој никогаш не спие.